Top Sport

„Солскјер повеќе мислеше на себе отколку на здравјето на Рашфорд“

Легендарниот англиски фудбалер, Јан Рајт го обвини тренерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер дека во опасност го довел здравјето на својот најдобар напаѓач, Маркус Рашфорд.

Тренерот на „ѓаволите“ на мечот од ФА купот против Вулверхемптон го внесе Рашфорд во игра во второто полувреме по што англискиот репрезентативец набрзо потоа се најде на тревникот со болна гримаса на лицето. Доби повреда на грбот поради која ќе биде одалечен од терените во следните неколку месеци.

„Солскјер знаеше дека Рашфорд не е потполно подготвен и го стави во игра на мечот со Вулфс, а сега ќе биде во аут 3 месеци. Зборуваме за експлозивен играч кој многу е потребен. Солскјер е под голем притисок да го врати Јунајтед таму каде што беше и притоа повеќе мислеше на себе отколку на здравјето на Рашфорд. Сега не може да смета на еден од најважните играчи, а тоа е вина на менаџерот. Рашфорд како стартер одигра толку мечеви, со проблеми со грбот, не смеете да се шегувате со тие работи“ – рече Рајт.

Рашфорд на 11 меча на кои беше стартер постигна 9 гола, а на двобојот со „волците“ во Купото влезе во игра во 64 минута при 0:0.

И самиот Солскјер рече дека повредата на младиот напаѓач дојде како бумеранг.

„Ја немаше истата повреда порано. Се жалеше малку по мечот со Барнли, па неколку дена помина на третмани. Со Вулфси доживеа нова повреда“ – рече норвешкиот стратег.

Scroll to Top