Грчкиот суд одлучи дека сопственикот на Олимпијакос и на Нотингем Форест, Евангелос Маринакис ќе мора да одговара на обвиненија за местење мечеви во Грција.
49-годишниот милијардер, кој богатството го направи во бизнисот со бродови, е еден од 28-те обвинети по истрагата за резултатите во грчкиот фудбал.
Маринакис тврди дека е невин, а неговите адвокати не беа достапни за коментар. Олимпијакос е еден од најпопуларните грчки тимови, но и тие не ја коментираа истрагата.
Според „Ројтерс“, Маринакис дополнително е обвинет за заговор за местење на исходите на мечевите во грчкото првенство.
„Бидете сигурни дека г-динот Маринакис ќе продолжи да го гради Олимпијакос и покрај соништата на тие кои сакаат да го уништат најголемиот клуб на светот“, напиша портпаролот на Олимпијакос, Константинос Карапапас на Фејсбук.
Помеѓу другите обвинети во случајот се поранешните официјални лица на Грчката фудбалска федерација (ЕПО), поранешни судии и поранешни играчи. Случајот покрива мечеви од 2011 до 2013 година.