Рахим Стерлинг усно се согласил за нов петгодишен договор со Манчестер сити, со кој ќе стане најплатениот англиски фудбалер со сума од 300.000 фунти недели, јавува британскиот „Дејли мејл“.
Ова е огромно зголемување од сегашната плата од 180.000 фунти на англискиот напаѓач, и тој ќе стане првиот англиски фудбалер кој заработил над 100 милиони фунти пред да наполни 25 години.
Преговорите на Стерлинг со клубот траеја повеќе месеци, а во исто време Стерлинг беше поврзуван со трансфер со повеќе европски клубови.
23-годишниот Стерлинг во исто време ќе отвори фудбалска академија во Лондон за деца од сиромашните квартови на британската престолнина. Самиот Стерлинг раснел само со мајка му во близината на стадионот во Вембли, пред да добие шанса да се извлече од сиромаштијата преку фудбалот. Стерлинг дојде од Ливерпул во Сити пред три години, и лани имаше 23 гола за „граѓаните“ во шампионската сезона.
Фото: ЕПА