На „Пољуд“ беше лудо во саботата. Хајдук „прокоцка“ водство од 2:0 и загуби од последнопласираниот Рудеш што предизвика луди реакции од фановите на клубот, популарната „Торцида“, која кршеше столчиња, со запалки маваше по играчите (Фран Тудор доби удар во главата), а полицијата мораше да ги чува просториите на клубот.
Навивачите бараа играчите да ги соблечат дресовите бидејќи не заслужуваат да ги носат.
„По првото полувреме и 2:0, одигравме катастрофално второ полувреме. Вистински хаос. Имавме чувство дека натпреварот е решен. Не е добро бидејќи ни се повторуваат вакви работи. Навивачите? Имаат право на свое мислење, но ова не беше пријатно. Смена на тренерот? Јас не одлучивам за тоа“, изјави по натпреварот капитенот на „Билите“, Зоран Нижиќ.
Според хрватските медиуми, шпанскиот тренер Хуан Кариљо по натпреварот изјавил дека не планира да даде оставка. Хајдук е четврти во лигата.