Напаѓачот на Барселона, Луис Суарез открива дека неговиот договор со каталонскиот клуб автоматски ќе се обнови доколку тој одигра 60 отсто од мечевите следната сезона.
33-годишниот Уругваец има договор до 2021 година, но тој има намера да остане на „Ноу Камп“ што е можно подолго, иако го пропушта остатокот од сезоната по операцијата на коленото минатиот месец. Барселона мораше да побара итна замена за него со носењето на Мартин Брејтвајт, но се верува дека тие сакаат да го заменат на подолги патеки со Лаутаро Мартинез или Тимо Вернер.
„Среќен сум во Барселона со моето семејство и сега сум таму каде што секогаш сум посакувал да бидам. Одлуката мора да биде направена од клубот, но тие знаат дека јас сакам да продолжам. Има опција ако следната година играм во 60 отсто од мечевите, го обновувам договорот“, вели Суарез.
Тој исто така открива дека цела сезона ја играл со болки, што не му пречеше да постигне 11 гола во шпанскиот шампионат.
„Играв бидејќи бев навикнат да играм со болка. На десното колено имав проблеми и циста, што значи дека си создаваш нови проблеми. Одговорив на критиките, но сега имам силна волја да се вратам“, додава Уругваецот.