Уругвај ќе заборави на трите победи во групната фаза и целосно ќе се фокусира на минувањето на првата пречка во нокаут-фазата, Португалија и Кристијано Роналдо, вели Луис Суарез пред нивната пресметка вечерва во Сочи (20.00).
Откако ги „збришаа“ Русите од првото место во групата А, Уругвајците велат дека остануваат фокусирани на актуелните европски шампиони, предводени од ривалот на Суарез од Ла лига, Роналдо.
„Најважно е да останеме фокусирани. Минатото е минато и мораме да се фокусираме на тоа што ќе се случува на теренот. Ривалството со Роналдо? Ние правиме сѐ што можеме да го оствариме најдобриот резултат. Ова е Светско првенство и сите играме за националниот дрес“, вели Суарез.
Суарез вели дека не постојат тензии со партнерот во нападот Единсон Кавани, велејќи дека се познаваат од јуниорските денови.
„Нема никакво лично ривалство и двајцата сакаме само да донесеме победа за Уругвај“, вели Суарез.
Селекторот Оскар Табарез вели дека Португалија не може да се потцени.
„За мене Роналдо е еден од најдобдите напаѓачи на светот, и во планирањето на мечот мораме да сметаме на него како лидер на тимот. Не знам дали еден играч може да го сопре, без разлика дали е Диего Годин. Ќе работиме како тим“, вели Табарез.
Фото: ЕПА