Францускиот ветеран Патрис Евра ќе се сретне со претседателот на Олимпик Марсеј во петок, кога најверојатно ќе биде познато дали тие ќе му дадат отказ за скандалозниот удар кон сопствените навивачи во дуелот од Лигата на Европа на гости кај Виторија Гимараеш.
Француските медиуми тврдат дека претседателот на клубот, Жан-Анри Ејро и Евра ќе се сретнат на состанок на кој ќе се разговара за суспензијата на Евра.
Марсеј по инцидентот вината ја најдоа и кај навивачите и кај Евра, но посочија дека поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и Јувентус „е професионален и искусен фудбалер“, кој не смеел да дозволи таква реакција.
Ејро е на бизнис-патување во САД, но се враќа во Франција на крајот на неделата и многумина очекуваат дека ќе го прекине договорот на Евра со клубот. УЕФА исто така најави истрага за инцидентот.