Фудбалскиот клуб Парма нема да биде исфрлен од Серија А, меѓутоа ќе му биде тешко да избори опстанок во најсилната италијанска конкуренција, бидејќи судот наложи овој клуб новата сезона да ја започне со минус пет бода.
Парма за три сезони направи вистински подвиг и успеа од четвртата лига да стигне до Серија, меѓутоа постоеше можност клубот да биде вратен во Серија Б, поради сомнежите дека дуелот од последното коло во втората лига помеѓу Специја и Парма бил наместен.
Поради сериозноста на обвинувањата случајот мораше да има и судска разрешница. Денес судот донесе одлука Парма да остане во Серија А, но во новата сезона ќе тргне со пет бода помалку.
Најлошо мина фудбалерот на Парма, Емануеле Калајо, кој поради сомнителните пораки што им ги пишувал на некои фудбалери на Специја, доби две годишна суспензија.