Судот за арбитража во спортот (ЦАС), во петокот, донесе позитивна одлука за фудбалскиот клуб Милан и му дозволи на клубот да се натпреварува во Лига Европа.
Пред неколку недели, поради непочитувањето на правилата од финансискиот фер-плеј, УЕФА го исфрли Милан од европските купови. Клубот одлуката ја обжали пред Судот во Лозана, а денес ЦАС донесе позитивна одлука.
Интересно, Милан побарал од УЕФА да му бидат доставени извештаите за финансискиот фер-плеј на ПСЖ, Манчестер сити и Интер, а откако истите биле разгледани во судот, ЦАС ја поништи одлуката на УЕФА.
Одлуката на ЦАС значи дека Милан ќе игра во Лига Европа, а тимот што требаше да го заземе местото на „росонерите“, Фиорентина, сезонава нема да игра европски натпревари.