Top Sport

Светското првенство од него направи светска ѕвезда, сега е во потрага по нов клуб

Голманот на Зеленортските Острови, Возиња, на Светското првенство пристигна како речиси непознат фудбалер, а турнирот го напушта како светска ѕвезда. За само неколку недели од анонимец стана играч кого навивачите го запираат за фотографирање, дава интервјуа за светски медиуми и има милиони следбеници на социјалните мрежи.

„Славата не ме промени многу. Морам да останам тоа што сум“, изјави Возиња за шпанска „Марка“ за време на турнирот на легендите на ФИФА во Рокфелер центарот во Њујорк.

Додека само неколку метри подалеку настапуваа светски шампиони, освојувачи на Лигата на шампионите и некои од најголемите фудбалски имиња, голем број навивачи барале фотографија токму со голманот на Зеленортските Острови.

Популарноста на Возиња експлодирала по натпреварот против Шпанија. Во тој дуел влегол со околу 50.000 следбеници на Инстаграм, а по одличната партија бројката се зголеми на речиси 14 милиони. Сега има околу 29 милиони следбеници, со што стана фудбалерот со најголем раст на популарноста на турнирот, надминувајќи го и Ерлинг Халанд.

„Пред првенството ќе кажевме дека сме од Зеленортските Острови, но 90 проценти од луѓето во светот не знаеја каде се наоѓа таа земја. Сега целиот свет знае каде се Зеленортските Острови. Тоа ни значи многу“, рече Возиња.

Посебно го памети натпреварот против Аргентина, во кој неговата репрезентација загуби со 3:2.

„Беше прекрасно да играме против нив. Бевме рамноправни до самиот крај и имавме шанса да победиме. Тоа беше голем момент за мене и за мојата земја. Му покажавме на светот дека и ние имаме квалитет“, истакна тој.

Натпреварот му овозможил да го исполни и еден од своите најголеми соништа – да игра против Лионел Меси.

„Меси не треба посебно да се претставува. За мене тој е најдобриот во светот. Тоа што го прави трае повеќе од 20 години и ми беше голема чест што играв против него“, изјави Возиња.

По завршувањето на Светското првенство, искусниот голман е во потрага по нов клуб.

„Сакам да играм фудбал уште една, две, можеби три години. Ќе видам како ќе реагира телото, но сега сум слободен играч и барам добар проект. Се надевам дека наскоро ќе го најдам вистинскиот клуб“, рече Возиња.

Тој нагласи дека не сака да биде ангажиран само поради популарноста што ја стекна на Светското првенство, туку бара клуб што ќе ги цени неговите голмански квалитети и искуство и ќе му овозможи да се натпреварува на високо ниво.

Иако се шпекулира за можен трансфер во МЛС, Возиња вели дека сè уште нема договорено ништо. На прашањето дали би можел да заврши во Интер Мајами, кратко одговори: „Не знам.“

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');