Спортскиот директор на Лацио, Игли Таре тврди дека Јувентус, Интер, Рома и Милн се „технички банкротирани клубови“, но дека остануваат во живот бидејќи им се потребни на системот. При говор на ЛУИСС универзитетот во Рома, Таре зборуваше за економскиот аспект на фудбалот во Италија, и поранешниот напаѓач влезе во остар напад на ривалите.
„Во моментов во Италија има само уште четири клуба кои уште се во сопственост на семејства: Удинезе, Аталанта, Лацио и Наполи. Ние го преферираме тој систем на сопственост, бидејќи мултинационалните компании имаат само комерцијални интереси и така се губи убавината на фудбалот, страста кон спортот… Тие фондови работат само со алгоритми и не им е грижа за историјата на клубот или на градот. Ова е моја 15-та година во Лацио, клуб кој има реален пристап кон финансиите. Денеска има клубови кко Јувентус, Рома, Интер и Милан кои се технички банкротирани, но остануваат во живот бидејќи се потребни на системот. Мора да имаме повеќе клубови кои имаат долгорочни проекти“, вели Таре.
Иако неговата изјава е провокативна, во неа има дел вистина. Јувентус неодамна поставија рекорд во Серија А со згуба од 254.3 милиони евра, рушејќи го претходниот рекорд на Интер од лани од 245.6 милиони евра загуба, но иронично на Лацио им беше забрането да прават трансфери поради „ликвидноста“.
Покрај тоа, правилата во Италија не дозволуваат една личност или семејство да има два клуба, поради што Клаудио Лотито беше приморан да ја продаде Салернитана минатата година, а во слична ситуација се наоѓа и газдата на Наполи, Аурелио де Лаурентис ако Бари успее да влезе во Серија А.
„Има фондови и компании кои имаат неколку клуба низ светот, вклучувајќи ја и Италија. Можат да имаат шест-седум клубови, но ако си Де Лаурентис, тогаш ќе треба да го продадеш клубот ако имаш амбиција да влезеш во Серија А“, додава Таре.