Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг ја отфрли можноста неговиот клуб да оди на „сигурно“ и да игра на нерешен резултат со Тотенхем во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите додавајќи дека ова е „најголемиот меч“ во историјата на „Јохан Кројф арената“.
Дони ван де Бек обезбеди Ајакс да ги пречекуваат со предност од 1:0 по победата во Лондон, така што и реми ќе им биде доволно да влезат на големото финале на „Ванда метрополитано“ на 1 јуни. Сепак, Тен Хаг вели дека тие ќе одат на победа.
„Да, потребна ни е победа за финале. Така ќе излеземе на теренот, со 0:0 во умот. Сакам мојот тим да стигне до повисоко ниво од тоа досега и затоа треба да победиме. Се работи за нов меч и одиме на победа. Играме на неверојатен стадион со неверојатна атмосфера и се надеваме дека ќе добиеме сила“, вели Тен Хаг.
Тој додава дека и покрај тоа што Ајакс го освои првиот трофеј оваа сезона во КНВБ купот, не е потребна дополнителна мотивација за клубот.
„Нема да треба да им покажувам некое мотивационо видео или нешто такво. Во најголемиот меч во историјата на ’Јохан Кројф арената’ тие ќе имаат доволно мотивација“, додава Тен Хаг.
Who’s excited…? ⏳#UCL #totaja pic.twitter.com/wFfcXCD1X9
— AFC Ajax (@AFCAjax) May 6, 2019