Фудбалската репрезентација на Македонија, играчи до 21 година, попладнево во Скопје доживеа тежок пораз од Австрија 0:4 (0:3), во квалификациите за пласман на Европското првенство. По овој пораз селекцијата до 21 година останува на делба на последната позиција во Групата 7 со само 3 бода, колку што има и Гибралтар и по четири одиграни натпревари ги загуби шансите за висок пласман.
Младата репрезентација одигра уште еден лош натпревар, далеку од стандардите за еден квалификациски дуел и сосема заслужено доживеа убедлив пораз.
Избраниците на Благоја Милевски делуваа конфузно во дефанзивата, се мачеа во организацијата на играта, поради што неколкуте шанси кои ги имаа дојдоа по прекините. Австријците мошне искусно знаеја да ги казнат сите пропусти во играта на Македонија.
Делуваше дека Македонија може да го избегне третиот пораз во низа по обидот на капитенот Чешмеџиев во раната фаза на мечот. Слободниот удар кој го изведе капитенот со прекрасна парад го одбрани Гартлер.
Австријците потоа ја презедоа играта и започнаа да ги казнуваат грешките на македонските фудбалери.
Јакуповиќ остигна убав гол во 12 минута, потоа на 2:0 во 26. зголеми Хонсак, а Лајмер во 36.минута го постигна третиот гол.
Во финишот на првиот дел Македонија не реалзиира две шанси преку Елмас и Амановиќ.
Во второто полувреме, во 54.минута, недоразбирањето во одбраната на Македонија го искористи Јакуповиќ кој го постигна својот втор гол.
До крајот на мечот Австрија имаше две чисти шанси да ја зголеми предноста, а Македонија не искористи три за да го намали поразот.
Абаз не реалзираше во 65.минута, неговиот удар заврши крај голот, потоа Исени во 84.минута промаши пенал, односно австрискиот голман го одбрани неговиот удар, а обидот на Стојановски во последната минута заврши крај голот.
Македонија дуелот го заврши со ирач помалку бидејќи Костадинов во 80.минута го доби вториот жолт картон.