Тијаго Мота, човекот кој имаше искуство за работа со Жозе Мурињо, вели дека португалскиот тренер е среќен само кога има непријатели, а ако во моментот не ги има „ќе ги создаде“.
Мота играше под Мурињо во Интер и вели дека карактерот на Португалецот не е сменет со годините. Поранешниот италијански репрезентативец, кој сега работи како тренер на У-19 тимот на Пари Сен-Жермен ги објаснува своите впечатоци во разговор со „Газета дело спорт“.
„Тој е победник. Во неговата глава има само една цел – да се победува. Забавниот фудбал не го интересира. Тој има две страни – една е среќната кога ќе победи, и една е лутата кога ќе загуби. Расположението му се менува со еден резултат. Ако тимот игра добро, но загуби, тој не може да види ништо позитивно. Ако победи со лоша игра, тогаш е пресреќен. Тој не бара убавина, туку бара непријател. Ако нема, тогаш ќе креира. Во Интер имавме предност од 11 поени во лигата, загубивме еден и одигравме едно реми. Во понеделникот одржа 15-минута прес-конференција во која ги нападна сите: Галијани, Милан, Рома, судиите, Јувентус. Тоа му беше потребно да ја освежи ситуацијата“, вели Мота.