Играчот на Реал Мадрид и репрезентативец на Германија, Тони Крос, го повика својот соиграч од редовите на “Панцирите“, Лерој Сане, целосно да го искористи својот потенцијал бидејќи може да биде голем победник, но призна дека однесувањето на младата ѕвезда на Манчестер сити понекогаш не инспирира доверба дека тој е подготвен за тоа.
Сане летово не беше дел од 23-члениот германски тим на Светското првенство во Русија, и допрва треба да започне натпревар за Сити оваа сезона – откако викендов за време на победата од 2:1 против Њукасл не се најде нити на клупата.
Сепак, Сане заработи повик во германскиот тим за нивниот натпревар од Лигата на нациите против Франција и пријателскиот натпревар против Перу – и Крос сега очекува да види многу повеќе од него.
“Тој може да биде вистинско оружје за нас. Мислам дека Лерој е апсолутен тимски играч.“ рекол Крос, истовремено критикувајќи го говорот на телото на Сане, потенцирајќи дека некогаш тој делувал како воопшто да не е заинтересиран.
“Понекогаш добивате чувство дека не му е важно ако победиме или изгубиме – но тоа е само неговиот говор на тело. Не знам дали тоа е навистина така, тој има квалитети“, додал Германецот.
Германија ја започнува својата кампања во Лигата на нациите против светскиот шампион Франција во четврток, и Крос вели дека верува оти уникатните вештини на Сане може да бидат вистинска предност за нив.