Тренерот на хрватскиот прволигаш Осиек, Зоран Зекиќ очигледно не е задоволен од играта на својот клуб, оценувајќи дека Осиек и Манчестер јунајтед во моментов играат најлошо во Европа.
Осиек во четири натпревари од пролетниот дел од сезоната остварија само една победа, имаа две ремија и еден пораз и остануваат на четвртото место во лигата, но со шест поени заостанување зад Риека.
„Во овој момент, ние и Манчестер јунајтед го играме најлошиот фудбал во Европа. Навистина сме за срамота“, изјави Зекиќ.
Треба да се види колку оваа изјава ќе ги мотивира неговите играчи овој викенд кога го пречекуваат второпласираниот Хајдук, кој мора да победи ако сака да ја надополни разликата на лидерот Динамо Загреб.
Зекиќ минатото лето стана мала сензација на Интернет, откако на мечот против Цибалија камерите го „фатија“ како се подготвува да запали цигара, пред да забележи и да реагира како искарано дете.