Шпанскиот крилен напаѓач Педро Родригез (32) кариерата ќе ја продолжи во тимот на Рома. Педро со „Волчицата“ потпиша двегодишен договор со опција истиот да биде продолжен за уште една. Во Рома би требало да има годишна плата од 3 милиони евра, објавија денеска медиумите на Островот.
Педро доаѓа во Рим како слободен играч затоа што договорот со „сините“ му истекува за точно еден месец.
За неговите услуги беа заинтересирани јапонскиот Висел Кобе каде игра Андрес Иниеста, потоа шпански Бетис, но и американски Интер Мајами.
Педро ги помина младинските категории во Барселона, а за првата екипа играше 7 години.
Во летото 2015 година премина во редовите на Челси за 27 милиони евра. Во петте сезони за „сините“ одигра 201 меч, постигна 43 гола, надополнети со 28 асистенции.
За фудбалската селекција на Шпанија има 65 настапи, со постигнати 17 гола.