Менаџерот на Челси, Томас Тухел признава дека неговиот тим има пад во формата, и додаде дека нема да се однесува како ништо да не се случува.
Откако во последните седум меча победија само трипати, Челси паднаа од првото место во Премиерлигата и се задоволија со второто место во групата во Лигата на шампионите. Во првите 20 меча од сезоната тие имаа примено само осум гола, исто колку што примија во последните четири.
„Не сме среќни. Перформансите не се ужасни, не се лоши, туку на моменти се просечни, но кога си во Челси, просечното изгледа многу ужасно. Зборувам за последните три меча – Вотфорд, Вест хем и Зенит. Во Вотфорд првпат имавме чувство дека не сме подготвени за интензитет од почеток. Успеавме да победиме, но не бевме добри. Со Вест хем имавме добро прво полувреме и лош резултат. Со Зенит направивме промени и победата ни избега на крај. Се работи за детали, мали работи, но има причина. Да бидам искрен, ако четири пати водиш во два меча и си заминеш со само еден поен, не можеш да кажеш дека ништо не се случува“, вели Тухел.