Томас Тухел вели дека очекува да остане тренер на Баерн Минхен и следната сезона и покрај тоа што новокрунисаниот шампион од Бундеслигата ги отпушти директорите Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ по драматичното освојување на титулатат во саботата.
Неколку минути откако Баерн сс 2:1 го совлада Келн и го искористи 2:2 ремито на Борусија Дортмунд со Мајнц, Баварците го потврдија заминувањето на Кан и Салихамиџиќ, двајца клучни луѓе во управата на клубот. Токму тие двајца решија да го отпуштат Јулијан Нагелсман и да го донесат Тухел на негово место во март, но тој не очекува да се „спакува“ по својата прва бундеслигашка титула.
„Знаев од порано за нивното заминување. Хасан ме повика пред осум недели, и заедно со Оли Кан ме убедија да дојдам тука. Тие беа одговорни за тоа. Сега наместо прослава морам да одговарам за следната политичка тема“, изјави Тухел за „Скај Германија“, по што на прашањето дали ќе биде тренер и во 2023/24, со насмевка одговори: „Претпоставувам дека ќе биде така“.
Според германските медиуми на Кан му било „забрането“ да присуствува на мечот во Келн, додека Салихамиџиќ беше таму и призна дека сакал да продолжи.
„Сакав уште еднаш да ја освојам титулата од Лигата на шампионите со овој тим. Сакам да останам пријател на Баерн Минхен. Денеска беше емотивно, но можам само да посакам среќа и успех во иднина. Благодарам за овие шест години“, изјави Салихамиџиќ.