Фабрицио Пишители, попознат по прекарот „Дијаболик“, лидерот на злогласната навивачка група Лацио Ултрас е убиен во еден парк во Рим во напад кој изгледа на платено убиство, јавуваат италијанските медиуми.
Според „Ла газета дело спорт“, Пишители бил застрелан во вратот во паркот „Акведук“ во предградието Чинечита. Контроверзниот лидер на навивачите бил поврзуван со шверцување дрога, и се верува дека се работи за одмазда на ривалска банда.
Лацио Ултрас ја пополнуваат северната трибина на „Олимпико“ во Рим, и се познати по својата фанатична страст кон клубот, но и по насилството. Групата потекнува од 1970-тите, а во Италија беа критикувани за расистичките и антисемитските пораки кон ривалите и фудбалерите. Лацио Ултрас имаат традиционално добри односи со Ултрасите на Интер од средината на 1980-тите иако во последно време оваа врска е нестабилна, а исто така се збратимени со навивачите на Вест хем.