Вечерва на „Олимпико“, Рома го пречекува тимот на Баер Леверкузен во првиот меч од полуфиналето од Лига Европа, во интересен судир на двајца тренери – учителот Жозе Мурињо против ученикот Чаби Алонсо.
„Научив многу од сите мои тренери и се обидов тоа да го спојам во мојата личност како млад тренер. Рафа Бенитез ме научи на тактика, како да се адаптирам, да помогнам. Пеп Гвардиола ти вели: ‘Ќе играш вака и ќе се случи тоа и тоа’. Мурињо, пак, има сила во интелигенцијата и во комуникацијата. Дел Боске м енаучи да се грижам за вистинските работи, а Анчелоти знаеше како да покаже што е добар фудбал“, објаснува Алонсо во интервју за „Марка“.
Сепак, тој признава дека има посебна врска со Мурињо, под кого играше три сезони во Реал Мадрид.
„Мурињо се бори за луѓето кои му се блиски и секогаш ги брани. Од другите бара максимум, но само бидејќи бара максимум од самиот себе. Има силни вредности. Тој беше многу важен човек кога пристигна. Тој беше еден од најдобрите под кои сум работел“, изјави Алонсо во 2011 година.
Португалецот, пак, уште во 2010 година предвиде дека Алонсо ќе има успешна тренерска кариера.
„Тој го има квалитетот на метроном. Сигурен сум дека кога ќе се повлече ќе стане голем тренер ако го посака тоа. Ме потсетува на Пеп Гвардиола кога играше под мене. И како фудбалер се однесуваше како тренер“, изјави тогаш Мурињо.