Европската фудбалска унија (УЕФА) ги демантира вчерашните пишувања на „Тајмс“ дека ќе ги скрати квалификациите за пласман во европските купови. Голем број медиуми повикувајќи се на „Тајмс“ објавија дека за пласман во Лигата на шампионите и Лига Европа ќе се игра само плејоф рундата.
Управниот одбор на УЕФА истакнува дека внимателно ја следи ситуацијата предизвикана од пандемијата на вирусот ковид-19.
„УЕФА никогаш не ја разгледувала опцијата на шампионите на националните првенства да го ускрати правото да се борат за пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите. УЕФА сака да појасни дека во моментов следи како напредува ситуацијата и како таа потенцијално може да влијае врз форматот на квалификациите за наредната сезона. До денес, не сме разгледувале никакви опции за промена на форматот на квалификациите во европските купови“, се наведува во соопштението од УЕФА.
Првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите за наредната сезона е планирано за 23 јуни, но ќе се игра по 29 август за кога е планирано да се одигра финалето во ЛШ.