Координаторот на фан-клубот на Фиорентина, Федерико де Синополи призна дека не е возможно Душан Влаховиќ да очекува „тишина“ во дресот на Јувентус на утрешното жестоко гостување кај Фиорентина во полуфиналето на Копа Италија, бидејќи „целиот град се почувствува предаден“.
Влаховиќ во јануари замина кај најлутите ривали на клубот од Фиренца, слично како Федерико Бернардески и Федерико Киеза пред него, но многумина најмногу ги потсети на легендарното заминување на Роберто Баџо, иако во неговиот случај тој беше продаден од клубот, додека тројцата примораа трансфер кај клубот од Торино.
„Целиот град беше предаден од Влаховиќ на ист начин како во минатото. Влаховиќ, Киеза и Бернардески дојдоа од нашата академија, но никогаш не го прифатија идентитетот на Виола. Бернардески пак, уште е од Тоскана, а Киеза играше тука од својата 10-та година“, вели Де Синополи.
Фиорентина посебно ги предупреди навивачите да се возддржат од расистички извици кон Влаховиќ, но Де Синополи вели дека тишината не е опција.
„Тишината сигурно не е опција. Фиренца е град во кој многу се зборува, така што тоа ни е во ДНК-та. Ќе има реакција, дали со свирежи, песни или друго, но ќе го има тоа. Фановите на Фиорентина знаат дека нивниот тим ќе биде посилен ако психолошки го собориме Јувентус. Тоа е дел од фудбалот“, објаснува Де Синополи.