Ливерпул пред реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Рома ќе го користи тренинг-теренот на Лацио, а весникот „Ил темпо“ тврди дека во римскиот клуб стравуваат од „обединувањето“ на тифозите на двата клуба.
Пред првиот меч на „Енфилд“, кој заврши со 5:2 победа на Ливерпул имаше судир на навивачите на Рома и на Ливерпул по што еден навивач на домашните заврши во кома, а двајца навивачи на Рома се уапсени под обвинение за обид за убиство, така што атмосферата е „жешка“.
Во Рим, тимот на Јирген Клоп ќе го користи тренинг-центарот Формело, кој им го отстапи директно претседателот на Лацио, Клаудио Лотито, потврдувајќи ја врската на двата клуба. Навивачите на Ливерпул и Лацио се „здружија“ во 1984 година, кога Ливерпул ја победи Рома во финалето на Купот на шампиони на „Олимпико“.
Дека ќе биде „жешко“ најави и играчот на средниот ред на Лацио, Лукас Леива.
„Лацијалите не сакаат да ги видат своите историски ривали во финалето на Лигата на шампионите, така што нормално ќе навиваме за Ливерпул“, изјави Леива.
Весникот „Ил темпо“ се реши за помалку бизарна насловна страница со монтажа од албумот на Битлси, „Хелп“ (помош) на која сенките на четирите Битлси носат хулигански оружја и со поднаслов „Варварите доаѓаат“.