Коронавирусот е на пат да предизвика сериозни проблеми во Атлетико Мадрид. Од петокот, четворица фудбалери се заразени со вирусот.
Најпрвин позитивни тестови имаа Јаник Фереира Караско и Марио Ермозо, вчера клубот објави дека позитивен тест добил и Жоао Феликс, а денес Атлетико на официјалната страница на интернет, потврди дека заразен со Ковид-19 е и Муса Дембеле.
Дембеле, во Мадрид, пристигна на позајмица до крајот на сезоната од Олимпик Лион. Напаѓачот го пополни местото на Диего Коста кој на крајот од годината спогодбено го раскина договорот со „јорганџиите“. По завршувањето на сезоната Атлетико ќе има можност за 33.000.000 евра да го откупи договорот на Дембеле.
Инаку, напаѓачот е член на Атлетико три недели, но се уште не добил можност да дебитира. Натпреварите со Еибар, Валенсија и Кадиз, тој ги проследи од клупата за резерви.
Покрај овие четворица, тренерот Диего Симеоне, до крајот на месецот нема да смета ниту на Киран Трипие, кој е суспендиран ФИФА.
Атлетико, лидерот во Ла Лига, наредниот меч ќе го одигра в недела, против Селта.