Тимот на Валенсија полека го губи здивот во борбата за првите места во Ла лига, откако неочекувано доживеа пораз на гостувањето кај аутсајдерот Лас Палмас од 2:1.
Санти Мина уште во петтата минута донесе водство за Валенсија од 0:1, пред Џонатан Виера да израмни во 20-тата минута. Во второто полувреме, сè тргна наопаку за гостите. Габриел доби жолт картон за играње во рака во шестнаесетникот, а по расправањето со судијата доби црвен картон оставајќи ги Валенсија со играч помалку.
Калери беше прецизен од белата точка за водство на Лас Палмас, а Валенсија мечот го заврши со 9 играчи, откако во 87. минута и Рубен Везо доби втор жолт картон.
За Лас Палмас ова е прва победа по пет натпревари, по што тимот од Канарските Острови конечно се крена од последното место на табелата, препуштајќи му го на тимот на Малага. За Валенсија пак, ова е само четврти пораз оваа сезона, по што „Лос че“ остануваат на третото место на табелата со 40 поени, 11 помалку од лидерот Барселона, кој утре го игра својот меч.