Top Sport

Валенсија „поцрвене“ на Канарските Острови (видео)

Тимот на Валенсија полека го губи здивот во борбата за првите места во Ла лига, откако неочекувано доживеа пораз на гостувањето кај аутсајдерот Лас Палмас од 2:1.

Санти Мина уште во петтата минута донесе водство за Валенсија од 0:1, пред Џонатан Виера да израмни во 20-тата минута.  Во второто полувреме, сè тргна наопаку за гостите. Габриел доби жолт картон за играње во рака во шестнаесетникот, а по расправањето со судијата доби црвен картон оставајќи ги Валенсија со играч помалку.

Калери беше прецизен од белата точка за водство на Лас Палмас, а Валенсија мечот го заврши со 9 играчи, откако во 87. минута и Рубен Везо доби втор жолт картон.

За Лас Палмас ова е прва победа по пет натпревари, по што тимот од Канарските Острови конечно се крена од последното место на табелата, препуштајќи му го на тимот на Малага. За Валенсија пак, ова е само четврти пораз оваа сезона, по што „Лос че“ остануваат на третото место на табелата со 40 поени, 11 помалку од лидерот Барселона, кој утре го игра својот меч.

Scroll to Top