Дони ван де Бек пред првиот официјален меч како фудбалер на Манчестер јунајтед против Кристал палас денеска, вели дека е сигурен дека добро ќе се вклопи во формацијата на Оле Гунар Солскјер, бидејќи може да игра на „секоја позиција“.
Ван де Бек, засега, е единственото засилување за „ѓаволите“ откако пристигна од Ајакс за 35 милиони фунти, но многумина сметаа дека за него тешко ќе се најде место во стартните 11 поради присуството на Бруно Фернандеш и Пол Погба, бидејќи двајцата играат на слична позиција како него. Но, 23-годишниот Холанѓанец не е загрижен.
„Играм насекаде во средниот ред, а и минатата сезона ја менував позицијата – понекогаш 6-ка, понекогаш 8-ка, понекогаш 10-ка. Не ми е толку важно. Мислам дека една од моите најсилни карактеристики е да влегувам во шестнаесетникот и да дадавам голови и асистенции. Ако ја имам таа слобода, тогаш можам да играм било каде. Зборувавме со Солскјер за тоа и мислам дека добро ќе се вклопам“, вели Ван де Бек.