Холандскиот селектор, Луис ван Гал вели дека е типично за Барселона најмногу да се критикуваат странците кога резултатите не се најдобри, застанувајќи во одбрана на сонародниците Роналд Куман, Френки де Јонг и Мемфис Депај.
Катастрофалната финансиска ситуација на Барселона значеше дека тие мора да се простат со Лионел Меси, да распродадат дел од тимот и да се потпрат на тројцата Холанѓани (четири ако го сметаме и Лук де Јонг). Критиките кон Куман, инаку легенда на Блауграна, се посебно брутални, и се очекува тој да добие отказ во блиска иднина. Ван Гал вели дека тоа не е ништо ново.
„Тие го критикуваат Френки де Јонг? Па, тоа е типично за Барселона. Тој имаше фантастични партии последните две години и немаше многу грижи. Но, кога работите одат лошо во Барселона, секогаш вината е кај странците“, вели 70-годишиот Ван Гал.
Тој исто така е зачуден од критиките за Мемфис Депај, еден од најдобрите напаѓачи на светот.
„Никогаш не сум имал таков напаѓач. Некој кој трча толку многу, што постојано се бори за топката. Што може да се каже друго?“, додава Ван Гал.