Поранешниот миленик на навивачите на „Олд Трафорд“, Робин ван Перси смета дека неговиот поранешен клуб се „коцкал“ со избор на ѕвезди како Пол Погба и Алексис Санчез, наместо да работи на сличен проект како Ливерпул под Јирген Клоп.
Јунајтед имаат фрустрирачки период во историјата по освојувањето на последната титула под Сер Алекс Фергусон во 2013 година, период во кој сменија три тренери – Дејвид Мојс, Луис ван Гал и Жозе Мурињо, а и покрај тоа што потрошија богатство на засилувања, од резултатите немаше многу. Мурињо го врати Погба за 100 милони евра од Јувентус, а потоа го донесе и скапиот Алексис Санчез (кого клубот уште го плаќа) од Арсенал.
Ливерпул, од друга страна, во четири и пол години под Јирген Клоп, трошеше пари, но сепак, помалку од Јунајтед и со јасен план на Клоп.
„Ако се споредиме со Ливерпул, кога дојде Јирген Клоп се бираа фудбалери кои се вклопуваат во фудбалската филозофија, а не се мислеше на маркетинг. Тие го градеа клубот како спортски проект на тренерот. Во Манчестер јунајтед се ’коцкаа’ со ѕвезди како Пол Погба и Алексис Санчез. И тоа е начин за градење на тим, но е ризичен. Ако ѕвездата се повреди или не е доволно подготвен, цел тим е ранлив. Предизвикот е сега дали Оле Гунар Солскјер може успешно да наметне сопствена филозофија во клубот“, вели Ван Перси.