Top Sport

Вардарци подготвени за Пјуник

Фудбалерите на Вардар утре ќе отпатуваат за Ерменија, каде в четврток ќе стартуваат во квалификациите во Лига Европа. Противник на Вардар во првото коло е Пјуник.

„Најважно е да не загубиме на првиот натпревар на гостински терен. Нерешено со даден гол е поволен резултат. Одигравме добро на подготовките, но вртиме нов лист, затоа што пријателски меч не е ист со ваков натпревар. Сега имаме и поголем притисок затоа што игравме во групна фаза минатата сезона. Имаме реални шанси да го минеме Пјуник, но не смееме да мислиме дека ќе биде лесно. Имаат нов тренер и имаат неколку нови играчи од руското и украинското првенство. Се освен пласман во втората рунда за нас би бил неуспех. Ги анализиравме добро, ги знаеме нивните слаби и силни страни. Се надевам дека ќе ги искористиме сите слабости. Веќе ги гледавме и ќе ја постивме екипата според нивната игра, и се надеваме дека за нас ќе биде позитивно ова гостување во Ерменија“, изјави Александар Васоски, помошникот на тренерот Бобан Бабунски.

„По ланскиот успех на Вардар, имаме обврска да се покажеме во светло издание во оваа сезона. Мислам дека добро се подготвивме во Словенија, како и во Скопје. Новите играчи меѓу кои сум и јас добро сме прифатени, сметам дека се воигравме, и подготвени сме за предизвикот Пјуник. Во поновиот фудбал нема наивни екипи и лесни противници, така гледаме и на нашиот следен ривал. Ерменците се предизвик, но мора Вардар да го мине првото коло. Треба да извлечеме поволен резултат и да се вратиме без пораз од Ерменија. Дури и ако ни се укаже шанса и да победиме, за да си го олесниме реваншот во Скопје“, вели новиот игра во црвено-црниот дрес, Дарко Мицевски.

Дуелот во Ереван, Пјуник-Вардар, се игра в четврток со почеток во 16 часот.

фото: fkvardar.mk

Scroll to Top