Top Sport

Васоски: Внимателно и храбро против Пјуник

Вардар, утре од 19 часот, ќе го одигра реванш натпреварот, против Пјуник, во рамките на првото квалификациско коло, во Лига Европа. Првиот натпревар, одигран во Ерменија минатата недела, заврши со победа на Пјуник од 1:0.

Црвено-црните, на овој натпревар од клупата ќе ги предводи Александар Васоски, откако Бобан Бабунски, во понеделникот, доби отказ.

„Имаме незгоден резултат по првиот натпревар. Свесни сме дека 0:1 е непријатен резултат, но Вардар има сили и квалитет да ја анулира негативата, да даде гол или два и да мине во следната фаза. Не треба да се залетуваме од прва секунда да дадеме гол, затоа што секој примен гол за нас би бил лош. Сигурен сум дека ќе дадеме најмалку еден гол, но треба да внимаваме да не примиме. Верувам во овие играчи, верувам во нивните квалитети дека можеме да ја минеме оваа пречка. После ланскиот успех, сега на некој начин постои одреден притисок“, вели Васоски.

Околу играта на противникот, предводникот на Вардар не очекува нешто сосема поинаку од она што Пјуник го играше на првиот меч.

„Ќе дојдат да се бранат и ќе чекаат шанса преку противнапад. Се зависи од нас, мораме да имаме контрола на мечот, и секој фудбалер ќе ја знае својата задача. Ќе го смениме пристапот во играта за разлика од првиот натпревар, и очекувам да одиграме подобро и поквалитетно“, изјави Васоски.

фото: fkvardar.mk

Scroll to Top