Top Sport

Ватфорд го „потопи“ Челси и Конте (видео)

Ниту „магијата“ на Еден Азар не беше доволна Челси да го „спречи“ вториот пораз во низа, откако Ватфорд со 4:1 ги декласираше „Сините“ и ја искомпликува и така компликуваната ситуација во која се наоѓа тренерот Антонио Конте.

Иако лани им ја донесе титулата во својата прва сезона со тимот на Роман Абрамович, последните недели има сè поголеми шпекулации дека италијанскиот стручњак ќе остане само до крајот на сезоната, по што ќе ја преземе италијанската репрезентација. Тој неколку пати јавно ги критикуваше трансферите на клубот, влегувајќи во конфликт со луѓето на Абрамович.

Дека понеделникот ќе биде тежок за Челси стана јасно по половина час игра, откако во пет минути Тимуе Бакајоко успеа да „собере“ два жолти картони и да го остави шампионот со играч помалку. Во 42. минута, Тибо Куртоа направи груб фаул во шестнаесетникот, и Трој Дини од пенал донесе водство од 1:0 за домашниот тим.

Во 82. минута од мечот, Еден Азар постигна одличен гол за да ги зголеми надежите дека од „Викариџ роуд“ тимот ќе замине барем со поен, но тогаш се случи вистински потоп на четата на Конте.

Дарил Џанмат ја врати предноста на Ватфорд во 84. минута, пред Жерард Деулофеу во својот втор меч за Ватфорд од доаѓањето од Барселона на позајмица во 88. минута да ја осигура победата. Роберто Переира во финишот осигура навивачите на Ватфорд да ја слават победата до доцна во ноќта.

Ова е втор висок пораз во низа за Челси, откако минатата недела загубија со 0:3 на „Стемфорд бриџ“ од тимот на Бурнемаут.

Челси останува на четвртото место во Премиер лигата со 50 поени, 19 помалку од лидерот Манчестер сити, додека Ватфорд е на 11. место со 30 поени.

Scroll to Top