Сараево го загуби градското дерби со Железничар со 2:1, пораз кој посебно му падна на македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, кој целата вина за поразот ја презеде самиот.
„Разочарувањето е огромно. Сакам да кажам дека ја прифаќам одговорноста за поразот, бидејќи не ги искористив добрите шанси на почетокот на натпреварот, каде што можевме да направиме добар резултат. Како еден од најискусните на теренот, нема оправдување за формата. Се заблагодарувам на нашите навивачи за поддршката и ветувам дека ќе го дадеме максимумот да ги постигнеме посакуваните резултати“, изјави Велкоски за официјалниот веб-сајт на клубот.
Велкоски се најде на „удар“ на навивачите на Железничар, откако по одложувањето на дербито во неделата ги „фати“ одговорните луѓе од ривалскиот клуб како ги фарбаат топките во бордо (бојата на Сараево). Фарбањето дојде поради недостаток на топки за снег, но напорот беше залуден бидејќи дербито се одложи за понеделник. „Гаси сè“, напиша Велкоски.
Ниту официјалната Фејсбук страница не остана покуса и објави фотографија на која имаше две бордо топки во голот по мечот.