Top Sport

Венгер го носи Н’Зонзи во Лондон

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, според шпанските и англиските медиуми, е подготвен да ја плати откупната клаузула за играчот на Севилја, Стивен Н’Зонзи.

Повремениот француски репрезентативец е незадоволен од статусот што го има кај новиот тренер Едуардо Берисо и сака да ја напушти Андалузија.

Н’Зонзи беше подготвен да си оди во летниот преоден рок, но Јувентус пред сите не сакаше да ја плати откупната клаузула од 40 милиони евра. Сезоната сепак ја започна како стартер, но полека го загуби тој статус, а неговото незадоволство достигна кулминацијата на мечот против Ливерпул во Лигата на шампионите кога тренерот го замени на полувремето.

Н’Зонзи незадоволен од таа одлука веднаш го напуштил стадионот и не го видел враќањето на тимот од 0:3 до 3:3.

Од тој меч францускиот фудбалер на наредните два натпревара во Ла Лига не беше во комбинација за настап.

Венгер е подготвен да плати за овој играч околу 35 милиони евра, сума што според медиумските шпекулации ќе биде прифатена од Севилја. Н’Зонзи има големо искуство во Премиер лигата бидејќи пред да се пресели во Севилја настапуваше за Блекбурн и Стоук.

Scroll to Top