Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, едвај успеал да ги догледа последните минути од синоќешното дерби со Челси (2:2) во рамките на 22. коло во Премиер лигата.
Лондонските ривали одиграа одличен меч, преполн со гол-шанси и пресврти, а конечниот резултат го постави Ектор Белјерин во 92. минута.
На крајот двата тима може да жалат за победата и во исто време да бидат задоволни што освоија по еден бод.
Нешто повеќе незадоволство има кај „сината“ страна бидејќи нецела минута по израмнувачкиот гол, Мората не успеа да реализира мртва шанса, а во продолжение на акцијата ударот на Запакоста заврши во дирекот.
Тој момент најтешко го проживеал менаџерот на Арсенал.
„Доколку топката на Запакоста завршеше во голот, ќе извршев самоубиство“, рекол Венгер, кој оценил дека мечот бил извонреден, особено неговите последни 20 минути.
Менаџерот на Арсенал, кој поради коментарите за арбитражата на дуелот со Кристал Палас, се наоѓа под истрага на Фудбалската асоцијација, повторно го коментира судењето.
„Судиска фарса ни ја одзеде предноста. Доколку за секој таков фаул се суди пенал, тогаш ние би требало да добиеме по десетина пенали на еден натпревар. Судиите ги штитите и вие новинарите бидејќи не пишувате за грешките што ги прават“, порачал менаџерот на Арсенал.