Модерното општество може да добие вредна лекција од фудбалот во борбата против расната дискриминација вели легендарниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер.
Убиството на Џорџ Флојд од бел полицаец во Минеаполис минатиот месец предизвика бура протести низ целиот свет која уште не стивнува, а фудбалерите дадоа поддршка за анти-расистичките движења и фактот што во модерниот фудбал има толку црни успешни фудбалери покажува дека спортот може да биде горд.
„Би кажал дека фудбалот во основа е анти-расистички. Зошто? Бидејќи знаете дека не е важно дали сте син на кралот на Англија или сте црн, бел или црвен – ако сте добри, ќе играте. Фудбалот е совршен пример за тоа како треба да функционира едно општество, бидејќи се базира на вредност и квалитет. Ако си доволно добар, ќе имаш шанса. Во играта нема расизам. Околу фудбалот и на трибините се случува како што забележавме во Англија и во Италија“, вели Венгер.
Напаѓачот на Манчестер сити, Рахим Стерлинг посочи дека и покрај големиот процент на црни фудбалери во Премиер лигата, во администрацијата и на тренерските позиции има далеку помалку застапеност. Венгер предупредува дека овие улоги исто така треба да бидат пополнети со квалитетни луѓе, а не само поради желбата за инклузивност.
„Во Франција креиравме концепт на позитивна дискриминација, но тоа значи да се дадат шанси на луѓе кои не добиваат, но и ова е дискриминација бидејќи можеби подобриот човек нема да ја добие работата. Затоа се потребни еднакви шанси за сите, без разлика од каде си или каква боја на кожата имаш“, додава Венгер.