Top Sport

Венгер: Сити се на врвот поради „парите од нафтата“

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер влезе во зачудувачки напад на Манчестер сити, велејќи дека клучната разлика меѓу сегашниот тим на Пеп Гвардиола и легендарниот состав на Арсенал, „Непобедливите“ од 2003/04 е во „парите од нафтата“.

Неверојатната форма на Сити значеше дека „граѓаните“ имаат предност од 11 поени на врвот на табелата, по што дојдоа неизбежните споредби со единствениот тим кој поминал цела сезона во Премиер лигата без пораз – „Непобедливите“ на Венгер од 2003/04. Тогаш, „топчиите“ беа непоразени, но Сити сега имаат 10 поени повеќе од тој тим во иста фаза на шампионтот.

Венгер признава дека стручната работа на Гвардиола им помогна на лидерите во Англија, но дека тие се во уникатна позиција поради огромното богатство.

„Видете, ние немавме нафта, но имавме идеи, тие имаат нафта и идеи и затоа се поефикасни. Сега, сите очекуваат и предвидуваат дека нивната доминација ќе трае. Зошто да не? Може да се случи, но сезоната е ‘млада’. Во моментов сите се послаби од нив, но ќе видиме што ќе се случи“, вели Венгер.

Манчестер сити се во сопственост на шеикот Мансур бин Заед Ал-Нахјан, член на владеачкото семејство на Абу Даби, Ал-Нахјан, и потрошија над 200 милиони фунти ова лето за засилувања како Бернардо Силва, Едерсон, Кајл Вокер, Бенжамин Менди и Данило.

Scroll to Top