Арсен Венгер смета дека згрешил што останал предолго во Арсенал, и дека требал да си отиде кога пристигнаа новите американски газди, семејството Кренке во 2007 година, и дека можел да биде тренер на друго место, дури и во ривалите од Манчестер јунајтед.
Во нов документарен филм, Французинот признава дека забележал голема промена кога Кренке го купил тимот, што во исто време беше кога клубот се пресели од „Хајбери“ на „Емирати“.
„’Хајбери’ беше мојата душа, ‘Емиратите’ моето страдање. Видов дека ќе биде потешко бидејќи почнавме со проект од 200 милиони фунти, кој можевме да си го приуштиме, а заврши со 428 милиони фунти. Одлучувачка беше 2007. Првпат почувствував тензија бидејќи Дејвид Деин имаше договор да го донесе Стен Кренке, а јас бев распнат меѓу лојалноста кон клубот и лојалноста кон Дејвид. Тогаш помислив дека стигнавме до крајот на проектот, но уште не сум сигурен дека ја направив вистинската одлука, бидејќи оттогаш животот не беше ист. Кога се преселивме на новиот стадион, од првото или второто место, паднавме на четвртото и ги загубивме најдобрите играчи. Со ограничени ресурси, за да го заддржиме клубот без да отиде во долгови од 2006 до 2015 мислам дека завршив добра работа. Требаше да отидам на друго место, и згрешив што се идентификував целосно со Арсенал. Можев во француската репрезетација, во англиската репрезентација трипати. Двапати во Реал Мадрид, во Јувентус, ПСЖ, дури и во Манчестер јунајтед“, вели Венгер.