Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Џампјеро Вентура, нема поднесено оставка на функцијата, иако националниот тим не успеа да се квалификува за Мундијалот во Русија.
Италија бараж двомечот против Шведска го загуби со вкупен резултат 1:0. Азурите првпат по 60 години нема да бидат дел од завршната смотра на светскиот фудбал.
Италијанските медиуми веднаш по неуспехот „удрија“ по федерацијата, играчите и, секако, по селекторот, но тој барем засега нема намера да поднесе оставка. Неговата иднина, како што рекол, „ќе биде позната по разговорите со челниците на Фудбалската федерација на Италија“.
„Горд сум на своите играчи. Чест ми е што сум селектор на Италија, што соработувам со такви шампиони. Не сакам да зборувам за заминувањето од функцијата. Таа одлука нека ја донесе претседателот на федерацијата. Вечерва се потврди моето мислење дека сите играчи имаат огромна желба да дадат сè од себе за националниот тим. Поради тоа ми е жал што баражот не заврши поинаку. Јас ќе се извинам само поради резултатот“, изјавил по мечот Вентура.
Сепак, италијанскиот селектор не сакал конкретно да одговори каде е неговата вина за, како што го нарекоа, „дебаклот на векот“. Исто така тој не изгледаше особено потресен поради фактот дека со последниот судиски свиреж на реваншот со Шведска своите репрезентативни кариери ги завршија Буфон, Кјелини, Барзаљи, Де Роси.
„Не се во прашање имиња. Важна е Италија и важно е светското првенство. Нивната желба и мотивација во врска со пласманот не се разликуваат од желбите на другите играчи. Доколку се пласиравме, тоа ќе беше нивно првенство колку што ќе беше и мое“, заклучил Вентура.