Фудбалерот на ПСЖ, Марко Верати, кој го одигра целиот натпревар во победата над Црвена ѕвезда (6:1), во Лигата на шампионите, рекол дека не забележал ништо сомнително на теренот. Изјавата доаѓа по обвинувањата на весникот „Лекип“ дека челник на Црвена ѕвезда се обидел да го намести натпреварот, односно дека на пораз на „црвено-белите“ од пет гола разлика, сакал да вложи сума од пет милиони евра.
Верати на новинарско прашање, по натпреварот на Полска и Италија (0:1) во Лигата на Нации, рекол дека целата приказна му делува како невистина.
„Ние на теренот не забележавме ништо сомнително, мислам дека нема вистина во она што се говори. Игравме одличен фудбал, не е прв пат да победиме со пет гола разлика. Без оглед на се што се пишува, ние не треба да се занимаваме со такви проблеми“, рекол Верати.
Клубовите, ПСЖ и Црвена ѕвезда, по објавувањето на информацијата, демантираа дека сакале да го наместат натпреварот. Од белградскиот клуб најавија дека ќе го тужат весникот „Лекип“, поради што веќе бил ангажиран адвокат во Франција.
Во врска со овој случај, некои француски медиуми го консултирале експертот за обложување, Кристијан Калб.
„Не гледам начин како тоа можело да биде изведено. Никогаш не сум видел облог од пет милиони евра на само еден натпревар. Потребни се стотици луѓе сето тоа да мине „под радарот“. Системот би го забележал тоа, доколку било направено во Европа. Не верувам дека се работи за облог на разликата од пет гола, тоа е преголем ризик. Мофијата тоа не би можела да го направи во Франција. Тука постои силна контрола, сите податоци ги добиваме веднаш. Не знам за Азија, Централна Америка или за земјите од источна Европа, таму каде што постојат нелегални обложувалници. Истрагата ќе покаже дали ова е вистина“, заклучил Калб.