Артуро Видал е еден од фудбалерите кои од наредната сезона нема да го носат дресот на Интер. Чилеанецот ќе добие оштета од клубот, а потоа како слободен играч ќе го напушти Интер.
Интер ќе му исплати на Видал 4.000.000 евра, а 34-годишникот потоа ќе се пресели во Бразил. Видал никогаш не криел дека сака да игра за Фламенго.
„Пред неколку години со Чиле гостував на „Маракана“, на овој стадион игра и Фламенго. Ја почувствував поддршката од навивачите. Им благодарам беа прекрасни“, изјави пред две недели Видал.
Сезонава, Видал, има одиграно 33 натпревари, најчесто на теренот влегува како резерва. Во Милано пристигна во 2020 година, претходно играл за Коло Коло, Баер Леверкузен, Јувентус, Баерн Минхен и Барселона.