Пред дуелот на неговите два поранешни клуба, Интер и Лацио вечерва, Кристијан Бобо Виери оценува дека ја гледаме најдобрата трка за скудетото во последните 10-15 години и е пресреќен што некој ја предизвикува доминацијата на Јувентус.
„Јуве доминираат веќе над осум години и претседателот Андреа Ањели секоја сезона го засилуваше тимот. Тие имаат сопствен стадион, ѕвезда како Кристијано Роналдо и фантастична организација. Но, Интер блиску ја надмина оваа разлика и за тоа треба само пофалби. Антонио Конте и Бепе Марота се фантастични, но да не заборавиме дека лани Лучано Спалети ги однесе во Лигата на шампионите“, вели Виери во интервју за „Ла газета дело спорт“.
Лацио потроши многу помалку од овие два клуба, но останува на еден поен зад нив во трката за титулата.
„Тоа покажува дека ова е најдобрата трка за скудетото последните 10-15 години и мислам дека ништо нема да биде сигурно до последното коло. Лацио ме изненадија, бидејќи беше незамисливо тие да се борат за титула. Симоне Инзаги и Игли Таре се фантастични, имаат шест-седум врвни фудбалери, а кога Чиро Имобиле ќе ја допре топката, таа како веднаш да оди во голот. Не мислам дека тие се над својата сила, бидејќи се органзиран и стабилен тим“, додава Виери.