Top Sport

Викендов „Ел класико“ и уште три големи дерби пресметки

Четири врвни фудбалски натпревари ќе се одиграат викендов низ Европа. Централен настан е „Ел класико“, кое ќе се одигра во Барселона.

Прв пат од 2007 година, најголемото дерби на шпанскиот фудбал ќе мине без Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Меси е повреден, поради што нема да може да му помогне на својот тим, додека Кристијано Роналдо по девет години замина од Реал.

Ниту еден од тимовите не блеска од почетокот на првенство, а во нешто подобра положба е Барселона.

„Ел класико“ ќе се игра в недела од 16:15 минути на „Ноу Камп“ во Барселона.

Серија А, во десеттото коло, го нуди „Дербито на сонцето“, како што популарно се наречени пресметките помеѓу Наполи и Рома. Наполи е во многу подобра положба на табелата, има седум бода во однос на конкурентот од Рим.

Наполитанците се на второто место со 21 бод, четири помалку од лидерот Јувентус, додека Рома е на скромната седма позиција со 14 бода.

Дербито во Серија ќе се одигра в недела, а почетокот е закажан за 20:30 часот.

ПСЖ, според очекувањата, доминира и оваа сезона во францускиот шампионат, меѓутоа дуелите на овој тим против Олимпик Марсеј, секогаш биле повеќе од фудбалот. Ривалството на екипата од престолнината и онаа од азурниот брег е големо.

ПСЖ, во Марсеј, ќе пристигне како лидер на табелата со максимални 30 бода по првите десет кола. Домаќинот Марсеј на табелата се наоѓа на делба на третата позиција со 19 бода.

Натпреварот на „Велодром“ во Марсеј, помеѓу Олимпик и ПСЖ ќе се одигра в недела од 21 часот.

Премиер лигата стигна до десеттото коло, кое во невообичаен термин ќе понуди дерби. Тотенхем ќе го пречека Манчестер сити, в понеделник во терминот од 21 часот.

Актуелните шампиони Манчестер сити немаат пораз во Премиер лигата од почетокот на првенството и со 23 бода заедно со Ливерпул се на чело на табелата. Тотенхем од друга страна е на петтото место, но има само два бода помалку од лидерската двојка. Тимот од северниот дел на Лондон, има седум победи и два порази во досега одиграните натпревари.

Scroll to Top