Поранешниот тренер на Челси, Андре Вилаш-Боаш открива дека имал тешки моменти на клупата на тимот од „Стемфорд Бриџ“ поради конфликтот со бордот на клубот.
Португалецот, кој беше на клупата на „Сините“ во 2011 и 2012 година, по што работеше со Тотенхем, Зенит Санкт Петербург и Шангај СИПГ, вели дека не добивал поддршка во засилувањата, иако веќе следната година Челси потрошиле многу пари на фудбалери.
„Во Челси ја добив најголемата лекција како фудбалски тренер. Секој ден, секоја тренинг сесија, се случуваше нешто ново. Отсуството на поддршка беше зачудувачко, но така одат работите. Таа година ги донесов Раул Меирелеш и Ориол Ромеу откако неколку имиња кои ги предложив беа одбиени кога преговарав. Следната година потрошија 100 милиони фунти, а таа потоа уште 110 милиони фунти, што беше незамисливо додека јас бев тренер“, вели Вилаш-Боаш.
Сега пред португалскиот стручњак е нов предизвик – откако си замина од тимот на Шангај СИПГ ќе дебитира на славното Дакар рели заедно со Рубен Фарија, поранешен мотоциклист.