Бразилскиот фудбалер Вилијан, признава дека сакал да си замине од Арсенал по само три месеци бидејќи не бил среќен во клубот. Вилијан дојде како слободен играч од Челси летото 2020 година, и доби богат тригодишен договор со „топчиите“, но во август се откажа од договорот за да се врати во клубот од детството, Коринтијанс.
„Не бев среќен, затоа немав добри перформанси. Не сакам да одам во детали, но не бев среќен. Кога пристигнав бев среќен, бев мотивиран, нов клуб, нов проект, нови соиграчи. Но, по три месеци му кажав на агентот: ‘те молам, сакам да си одам’. Не сакам да зборувам лошо за клубот, бидејќи се работи за голем клуб со огромна историја, но работите не функционираа, тоа беше најлошото време во мојата кариера“, вели Вилијан во интервју со Рио Фердинанд.
33-годишниот Вилијан „жртвуваше“ две години висока плата во Арсенал, но вели дека тоа било неопходно да се направи.
„Да, тоа беа големи пари од кои се откажав, но парите не се најважните, поважно е да бидеш среќен, да се будиш со елан да одиш на тренинзи. Им кажав на мојата сопруга и на моето семејство дека не сум среќен и дека морам да си заминам од клубот. Не беше фер да останам каде што не сакам само за парите“, вели Вилијан, кој освои две титули од Премиерлигата во седум сезони со Челси.