Според францускиот весник „Л’Екип“, заврши истрагата за случајот со секс-лентата на Матју Валбуена и наводната уцена која ја правел Карим Бензема, и сега се очекува само датумот за почеток на судскиот случај.
Истрагата траеше неверојатни пет години, во кои Бензема беше исклучен од француската репрезентација, и иако француските медиуми очекуваат дека тој нема да биде осуден, тешко е да се верува дека Дидие Дешам ќе го врати кај „петлите“.
Во декември 2019 година, судот ја отфрли жалбата на адвокатот на Бензема, кој бараше поништување на судската истрага бидејќи се користеле нелегално добиени информации преку полицаецот кој наводно бил пријател со Валбуена. Оттогаш, случајот беше кај истражната судијка Ан Дувал во Версај, која е трет судија на овој случај и која по крајот на периодот од три месеци за дополнителни докази, сега треба да закаже судење.
Сшпред Валбуена, Бензема тврдел дека тој треба да се сретне со уценувачите за да се врати секс-лентата на Валбуена и неговата девојка, а наводно напаѓачот на Реал Мадрид бил пријател од детството со еден од уценувачите.