Здравко Мамиќ следната година ќе стане сопственик на клубот од Босна и Херцеговина, Широки Бријег, каде што од неодамна тренер е поранешниот стратег на Вардар, Гоце Седлоски, јавуваат босанските и хрватските медиуми.
Мамиќ е „пребеган“ во БиХ откако во Хрватска беше осуден на 6 и пол години затвор поради „извлекување“ на пари од Динамо Загреб преку трансферите на Лука Модриќ и Дејан Ловрен.
Според „Индекс.хр“, Мамиќ, кој неодамна беше во посета на клубот, бил импресиониран од инфраструктурата, од младинскиот состав и од женскиот клуб, и би бил подготвен да инвестира пари во клубот кој е на четвртото место во Премиер лигата на БиХ.
Сепак, една пречка за „зделката“ би биле локалните навивачи „Шкрипари“, кои се противат на влезот на Мамиќ.
Седлоски уште кога дојде на клупата на Широки најави дека тоа го направил токму по совет на Мамиќ.
„Здравко Мамиќ ми е како татко уште од времето кога играв во Динамо. Се слушнавме, малку поразговаравме, тој ме поврза со спортскиот директор Шилиќ и јас веднаш му кажав дека не го познавам тимот, но дека сум подготвен за работа“, изјави тогаш Седлоски за „Јабука.тв“.