Поранешниот прв човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, кој во Хрватска е осуден на шест и пол години затвор поради извлекување на 116 милиони куни (над 15 милиони евра) преку трансферите на фудбалерите, во четвртокот бил во посета на тренингот на Широки Бријег, каде што тренер е поранешниот динамовец и екстренер на Вардар, Гоце Седлоски.
Седлоски беше донесен во четвртопласираниот клуб во босаснската Премиерлига за да го „крене“ составот, и тој немаше проблем да се гушне со Мамиќ, кој според хрватските медиуми инсистирал Македонецот да биде донесен во клубот.
Мамиќ во моментов живее во Босна и Херцеговина и честопати го гледаат на мечевите на Широки и Зрињски од Мостар. Широки ќе ја прослави 70-годишнината од постоењето со пријателски меч со Динамо следниот месец.