Творецот на чудото од „малото кнежевство“, Леонардо Жардим, вчера доби отказ во фудбалскиот клуб Монако, а за предвремениот раскин на договорот, клубот на тренерот ќе му исплати седум милиони евра.
Жардим од 2014 година наваму постигна извонредни резултати со Монако, една година успеа да му ја земе титулата на финансиски моќниот ПСЖ, а во наредната да игра и полу-финале во Лигата на шампионите.
Покрај тоа 44-годишниот Португалец од продажби на фудбалери му овозможил на клубот заработка од 750 милиони евра.
Поради тоа и отпремнината што ја добива Жардим е богата, седум милиони евра.
Монако оваа сезона игра лошо, во првите девет кола, во францускиот шампионат, има освоено само девет бода, а забележа и два порази во Лигата на шампионите.
Според француските медиуми Жардим ќе го наследи Тиери Анри, кој блескавата кариера ја започнал токму во Монако. Се шпекулира дека Анри в понедлник ќе биде назначен за нов тренер на Монако.